Причинител на ракот на грлото на матката

- Хуман Папилома Вирусот (ХПВ)
Ракот на грлото на матката го предизвикуваат одредени типови на Хуман Папилома Вирусот (ХПВ). Постојат повеќе од 100 типови на ХПВ, од кои 40-тина можат да го заразат гениталниот предел на мажите и жените. Некои од тие генитални типови на ХПВ можат да предизвикаат генитални брадавици, додека други 15 високоризични типови на ХПВ можат да предизвикаат неправилности во клетките на грлото на матката кои можат да се развијат во рак на грлото на матката во период од 10 до15 години.
Гениталниот ХПВ се шири преку сексуален контакт и лесно преминува од една личност на друга преку било каков допир на кожата во гениталниот предел, а не само со сексуален однос. ХПВ е многу чест и повеќето возрасни го имаат во некој период од животот, но ХПВ инфекциите не прдизвикуваат јасни симптоми така што поголемиот дел од луѓето никогаш нема да знаат дека ја имале.
Не постои терапија за лечење на високоризичните типови на ХПВ, но за среќа повеќето од овие инфекции исчезнуваат сами од себе исто како и неправилните клетки кои можат да ги предизвикаат. Само инфекциите кои не исчезнуваат претставуваат опсаност за развивање на рак на грлото на матката.

